Во Велес организирана обука за „Управување со организации за образование на возрасни“
21 Јуни 2017

Главна тема на обуката за „Управување со организации за образование на возрасни“, којашто се одржа во Велес во периодот 20-21 јуни 2017 година, беа неколку важни модели на управување кои можат да поттикнат професионален развој на менаџери од областа на образованието.  

Целта на обуката беше да ги подобри менаџерските компетенции и комуникациските вештини на директорите кои управуваат со отворените граѓански/работнички универзитети во седум различни општини: Скопје, Гостивар, Куманово, Штип, Неготино, Прилеп и Велес. Обуката ја подготви и ја водеше експерт од полето,  д-р Емир Авдагиќ.

Преку интерактивна работа со учесниците, д-р Авдагиќ ги презентираше и дискутираше за основните функции на образовниот менаџмент, модели на менаџмент и стратешки менаџмент на организациите за образование на возрасни (визија, мисија, цели), клучни компетенции и вештини на менаџерите, комуникација во тимот, како и за СВОТ анализа на работничките универзитети и нивното директно окружување.  

Учесниците имаа можност да развијат плодна дискусија и да ги комбинираат теоретските претпоставки со практичното искуство на нивните колеги.  Како резултат на тимската работа во текот на обуката, учесниците ги разгледаа следните чекори кои треба да се преземат во блиска иднина: редефинирање на мисијата и визијата на организациите за образование на возрасни, подготовка на заедничка мисија и визија на Здружението на отворени граѓански/работнички универзитети, СВОТ анализа на работата во тимови како и СВОТ анализа на Здружението на ОГРУ.  

Учесниците на оваа обука се договорија да воведат редовен мониторинг на наставниот процес, како и инструменти за оценување на задоволството на учениците.  Барем еднаш годишно ќе се организираат индивидуални состаноци на директорите со членови на тимот.  

Обуката за „Управување со организациите за образование на возрасни“ беше организирана како дел од активностите на проектот „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системите за стручно образование и обука и образованието на возрасните“ кој е финансиран од ЕУ, а го спроведува Британскиот совет.