Билјана Дабеска: Работничкиот универзитет во Гостивар го врати својот поранешен углед, а јас го најдов мојот професионален пат
18 октомври 2017

„Искачував една планина и едвај ја искачив. Кога стигнав до врвот забележав уште еден врв кој морав да го освојам. Продолжив да се качувам и се искачив до крајот.” - Татко ми секогаш ми го раскажуваше овој сон.

Јас сум Билјана Дабеска, и иако дипломирав на факултетот за Јавна администрација и стекнав магистерска диплома по Дипломатија, со години бев во потрага по работа и не можев да најдам. Се разочарував сѐ повеќе и повеќе, и во еден момент одлучив да заминам да работам во Америка. Но, наскоро сфатив дека сакам да се вратам во мојот роден крај и да пробам да ја изградам мојата кариера таму и да придонесам за ова општество. 

Мојот татко го помина својот работен век во Работничкиот универзитет „Браќа Миладиновци” во Гостивар. Честопати ми велеше “Ќерко, ти ми ја донесе најголемата среќа на овој свет - истиот ден кога се роди ти, мене ме повикаа на работа во Работнички универзитет“.

Еден ден ми соопшти дека започнува многу добар проект, финансиран од ЕУ, насловен Јакнење на доживотно учење преку модернизација на системите за стручно образование и обука и образование на возрасни, имплементиран од Британскиот совет, DVV International и Центарот за доживотно учење. Една од целите на проектот беше да ги поддржи работничките универзитети во напорите да се модернизираат и да ги унапредат методите на работа со цел да одговорат на тековните потреби на пазарот на трудот. По разговорот со него сфатив дека мојата вистинска вокација е во сферата на доживотното учење, тогаш одлучив да ги следам неговите стапки, и иако немав искуство, активно се вклучив во проектните активности и присуствував на секоја обука и секоја работилница од самиот почеток.

На жалост, во тоа време здравјето на мојот татко се влоши, и додека се борев со неговата болест, морав да смогнам сили да продолжам со мојата определба и да ги посетувам обуките. Проектот и тимот експерти кои го имплементираат, ми отворија нови хоризонти за мојата иднина. Ми помогнаа да ја сфатам перспективата и потребата за постоењето на работничките универзитети, како и потребата да продолжам да учам и да се усовршувам во полето во кое почнав да работам.

Во текот на проектот, имав можност да следам обука за професионален обучувач на возрасни, при што се стекнав со верифициран сертификат. Исто така ги научив основите на менаџирање на организација за образование на возрасни, методологија и дидактика, како и вештини за мониторинг и евалуација на програмите за доживотно учење.  Во текот на обуките имав можност да запознаам претставници од сите 13 Работнички / Отворени граѓански универзитети ширум земјата, претставници на бизнис секторот и локалната самоуправа, како и претставници од Министерството за образование и наука и Центарот за образование на возрасни. Тоа ми овозможи да сфатам колку е битно сите претставници од наведените сектори да соработуваат во остварување на заедничката цел – силен систем за доживотно учење насочен кон постигнување реални резултати.  

Активностите на проектот беа толку креативни и инспиративни, што го изменија мојот живот и кариера во целост. Иако сум магистер по Дипломатија, решив своето образование да го продолжам во областа на образованието на возрасни, па се запишав на втори постдипломски студии на Филозофскиот факултет, на отсекот Андрагогија.

Го изгубив татко ми во септември минатата година. Но, сега се чувствував спремна да продолжам таму кај што тој застана, па се пријавив за работна позиција во Работничкиот универзитет „Браќа Миладиновци” во Гостивар. Знам дека тој би бил особено горд на мене.

Работничкиот универзитет „Браќа Миладиновци” беше основан со Одлука на Народниот одбор на Општина Гостивар во 1960 година. Согласно законот за отворените граѓански универзитети од 11 мај 2017 година оваа институција се трансформира во Отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Гостивар“ и стана јавна општинска установа. Универзитетот се фокусира на формалното и неформалното образование на младите и возрасните лица.

Од самото пререгистрирање на универзитетот, успеавме комплетно да го реновираме со модерни нагледни средства, електронски учебници, електронски табли, библиотека со странска литература, итн.

Исто така,  започнавме со подготовка на посебни програми за образование на возрасни, така што во моментов нудиме четири верифицирани курсеви за: Подготвувач на слаткарски производи, Фризер, Гипсер-монтер, Шивач на основни конфекциски модели и постелнина.

Во оваа прилика сакам да изразам голема благодарност до проектниот тим за поддршката и помошта да го продолжам сонот на татко ми, како и за тоа што ми овозможија професионално да се усовршам, за да дадам сѐ од себе за ОГУДУ “Гостивар“, како и за сите граѓани на Општина Гостивар и околината.

„Човек учи додека е жив, или пак човекот е жив додека учи” – Стане Дабески, мојот татко велеше.  

Билјана Дабеска

Отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Гостивар“